Економија на здравиот разум

Жртвување животи за профит

Од Двајт Р. Ли

Прашања за размислување: Дали производителите на автомобили жртвуваат животи за профит? Зошто може да се јави конфликт помеѓу вредноста на животот и профитот?

И покрај тоа што луѓето вообичаено кажуваат како човечкиот живот е бесценет, тие со своите постапки секојдневно ставаат цена на своите животи. Луѓето преземаат ризици коишто го скратуваат нивниот животен век за да прават работи коишто се забавни и за да заштедат на време и на пари така што нема да ги преземат сите мерки на претпазливост. Кога луѓето доброволно прифаќаат ризици за да добијат работи коишто имаат вредност за нив, тие ставаат цена на своите животи – кажувајќи ни преку своите постапки дека маргиналната вредност на нивните животи е помала од честопати прилично ниската вредност којашто ја остваруваат со прејадување, невежбање, пребрзо возење и така натаму.

За жал, кога луѓето преземаат ризици, понекогаш доживуваат непосакувани несреќи. Ништо не е поприродно од тоа да ги жалите оние коишто претрпеле сериозни повреди или смрт затоа што се изложиле на ризик. Но, нашето сочувство кон нив не треба да нè заслепува пред фактот дека не им правиме никаква услуга на возрасните со мешање во нивната способност да преземаат ризици коишто, со оглед на нивните преференции и околности, имаат смисла за нив. Сепак, таквите политики секојдневно се простуваат и се охрабруваат од добронамерни луѓе коишто (1) не сфаќаат дека, на маргината, човечкиот живот не е бесценет и (2) не разбираат како цените и профитот ги поттикнуваат луѓето ефективно да ги комуницираат своите желби на компаниите. Тоа се луѓе коишто веднаш покажуваат морална огорченост кога ќе слушнат за обвинувањата дека корпорациите жртвуваат животи за да го зголемат својот профит создавајќи небезбедни производи.

Луѓето секојдневно доживуваат телесни повреди или ги губат своите животи бидејќи производите не се толку безбедни колку што би можеле да бидат. Повеќе од кога било досега, моменталната правна поставеност ги поттикнува оштетените во ваквите несреќи да ги тужат производителите на „небезбедни“ производи за да добијат компензација за својата болка и за страдањето. Очигледен поттик за овие тужби е тоа што исплатата на тужителите и нивните адвокати може да биде висока, понекогаш и неверојатно висока.

На пример, во 1999 година, шестмина коишто претрпеа тешки изгореници кога нивниот малибу во 1979 година се запали по судир со пијан возач којшто возел помеѓу 50 и 70 милји на час добија пресуда од 4,9 милијарди долари против Џенерал моторс.(1)

Обвиненувањето коешто ги убедува поротите, ги вознемирува чувствата на јавноста и ги објаснува големите пресуди е дека алчните корпорации жртвуваат човечки животи за да го зголемат својот профит.

Дали ова обвинение е точно? Секако дека е. Но, ова не е критика за корпорациите; туку тоа е одраз на правилното функционирање на пазарната економија. Корпорациите рутински ги жртвуваат животите на некои од своите клиенти за да го зголемат профитот, одлука којашто на крајот е од корист за општеството како целина. Така е, среќни сме што живееме во економија којашто им овозможува на корпорациите да го зголемат профитот со намерно продавање производи коишто се понебезбедни отколку што би можеле да бидат. Помислата да се жртвуваат животи за профит можеби не е толку утешителна како млеко, колачиња и приказна за добра ноќ, но е директна последица на неумоливата реалност.

А таа реалност е оскудноста, односно ограничените ресурси. Производството на посакувани работи е ограничено, токму поради оскудноста. Ако сакаме повеќе од една работа, треба да прифатиме дека ќе имаме помалку од другите. Оние коишто се вознемируваат дека безбедноста се жртвува за сметка на профитот, го занемаруваат овој очигледен факт. На пример, сообраќајните несреќи со смртни последици би се намалиле доколку автомобилите би ги правеле како тенкови. Но, зголемената безбедност би значела откажување од економична потрошувачка на гориво, удобност, брзина и можности за паркирање, а воопшто, пак, да не ги спомнуваме сите работи коишто не можете да ги купите откако ќе ја платите извонредно високата цена на „тенкмобилот“. Ако безбедноста на автомобилите ја доведеме до ниво на „тенкмобил“, маргиналната вредност на зголемениот животен век би била многу помала од маргиналната вредност на сѐ она од што би се откажале. Едноставно нема смисла да се намалат смртните случаи во сообраќајот што е можно повеќе со тоа што ќе се направат автомобилите што е можно побезбедни.

Комуникација преку профит

Колку безбедност е доволна? Одговорот е различен за различни луѓе. На пример, некои луѓе толку многу уживаат во возењето мотоцикли, иако шансите да доживеат несреќа се 17 пати поголеми отколку со автомобил. Луѓето обично вложуваат во поголема безбедност како што се зголемува нивниот доход и кога повеќе луѓе зависат од нив.

Кога бев на постдипломски студии, возев раскантана фолксваген буба чијашто врата не се затвораше докрај. Избрав да вложам повеќе во образование по цена на помала безбедност. Сега, кога имам семејство и повисок доход, подготвен сум да платам за поголема безбедност, па затоа возам „Субурбан“— не баш тенк „Шерман“, но е тука некаде.

Како луѓето бараат безбедност од производителите на автомобили? Преку цените тие се подготвени да платат за различни типови автомобили и профитите кои ги генерираат овие цени. Не би било профитабилно да се направи автомобил којшто е безбеден како тенк „Шерман“ бидејќи никој не би го купил. Автомобилските компании остваруваат поголем профит бидејќи се поблиску до вградување на неизбежните компромиси во дизајнот на автомобили за да одговараат на вкусот на потрошувачите. Така, кога производителите на автомобили прават компромиси за безбедноста со цел да го зголемат профитот, тие го прават она коешто ние сакаме да го прават – одговараат на нашите желби и потреби.

Ова не значи дека не се прават грешки. Цените и профитот не им дозволуваат на потрошувачите да го соопштат со хируршка прецизност секој аспект од своите преференции за автомобили. Кога автомобилската компанија не им го дава на потрошувачите она коешто тие го сакаат, можностите за профит се зголемуваат за автомобилските компании коишто го прават тоа, што ја истакнува предноста на профитот во мотивирањето на безбедноста на автомобилите. И покрај тоа штоовој пазарен процес не функционира совршено, сепак функционира подобро од кој било друг процес.

За жал, и покрај секоја разумна мерка за безбедност на производите, луѓето ќе бидат учесници во несреќи со помали, поголеми, па дури и смртни исходи. Трошоците и разорноста на овие несреќи лесно се видливи, како и фактот дека штетата би била помала доколку би биле применети подобри мерки за безбедност во производот којшто се користи. Не толку лесно видливи се предностите коишто милиони луѓе ги добиваат кога не плаќаат за поголема безбедност отколку што им е потребна – предности како што се повеќе пари за образование, лекови, облека и за домување. А повеќе образование, подобри лекови и подобра облека и достапно домување се поврзани со подолг животен век. Оние чиишто животи предвремено завршуваат како последица од несреќи очигледно можат да се идентификуваат, а ние никогаш нема да знаеме кој избегнал прерана смрт поради просперитетот којшто го создава економскиот систем воден од пазарните цени и од профитот. Но, бездруго вторите се многу побројни од првите.

Прашање за крај: Како цените и профитот ви овозможуваат вам и на другите потрошувачи да им ги соопштите вашите преференции на бизнисите?

Навратете се на Елемент 1.6
  1. Вистинската спогодба ќе биде помала, иако, сепак, многу повисока од она коешто се смета за праведно во однос на тоа колку луѓето ја ценат маргиналната безбедност вклучена во случајот. Заклучно со март 2000 година, тужителите понудија да се спогодат за 400 милиони долари, но Џенерал моторс одби за да може да продолжи да го обжалува случајот. ↩︎