Елемент 1.10: Вредноста креира доход и богатство
Тајната на напредокот е да почнете од некаде.
Луѓето се разликуваат на многу начини како–во однос продуктивните способности, специјализираните вештини, наклонетоста за кариера, ставот кон работата и подготвеноста да преземаат ризици. Овие разлики ги одредуваат приходите на луѓето бидејќи тие влијаат врз вредноста на стоките и на услугите што тие се подготвени и способни да им ги обезбедат на другите по атрактивни цени и плати.
Во пазарната економија е корисно е да се произведуваат стоки, да се развиваат вештини и да се преземаат дејствија кои имаат висока вредност за другите. Поуката е следнава: ако сакате да заработите поголеми приходи пронајдете начин како да им обезбедувате на другите стоки и услуги кои имаат висока вредност за нив во однос на нивните трошоци. Дури и ако не се стремите да заработите многу приходи и, наместо тоа, сакате да му помогнете на светот, користете го економскиот начин на размислување за да изберете кои добротворни дела, социјални потфати и непрофитни активности се најразумни меѓу различните алтернативи. Во сите сценарија, соберете информации за расположливите ресурси и земете ги предвид опортунитетните трошоци за да ги направите оние избори што ќе ви помогнат да добиете најмногу така што ќе го обезбедувате она што има највисока вредност со најнизок трошок. Ако не сте во можност или не сакате да им помогнете на другите на начин што има вредност за нив, вашите приходи ќе бидат ниски.
Оваа директна поврзаност помеѓу помагањето на другите и остварувањето приходи силно го поттикнува секој од нас да стекнува вештини, да развива таленти и да негува навики кои ни помагаат да им обезбедиме на другите вредни стоки и услуги. Студентите на факултет учат деноноќно, трпат стрес и прават финансиски трошоци за да станат доктори, наставници, сметководители и инженери. Други луѓе одат на обука, се сертифицираат и стекнуваат искуство што ќе им помогне да станат електричари, техничари за одржување или дизајнери на веб-страници. Други, пак, инвестираат и започнуваат бизниси. Зошто луѓето ги прават овие работи? Како тие преживуваат и напредуваат?
Некои мислат дека луѓето со високи приходи сигурно ги експлоатираат другите. Но, луѓето кои заработуваат високи приходи на пазарот обично тоа го прават така што на потрошувачите им го обезбедуваат она што за нив има вредност, и тоа по атрактивни цени. Помислете на милијардерот Дејвид Стјуард, претседател на Ворлд вајд технолоџи (World Wide Technology). Стјуард е роден во сегрегираните држави на југот на САД како дете во десетчлено семејство. Неговиот татко работел на различни работни места во услужниот сектор, вклучително и како механичар, чистач и собирач на ѓубре. Овие почетоци влијаеле врз Стјуард на многу начини. По стекнувањето високо образование, тој работел на многу работни места пред да ја формира Ворлд вајд технолоџи (World Wide Technology) во 1990 година. По бројни предизвици и искушенија, Стјуард ги прилагодил постоечките компјутерски технологии и ги подобрил информациските системи за да им помогне на профитните бизниси и на непрофитните организации да ги намалат трошоците за производство, да ја подобрат севкупната ефикасност, да влезат во нови пазари и да ги подобрат искуствата на клиентите по пониски цени.
Спортистите и естрадните уметници кои се милијардери и милионери го прават истото за своите фанови и клиенти. Тие заработуваат приходи и акумулираат богатство со специјализирање, развивање и со продавање на своите таленти и услуги на други. Дури и оние со огромен талент ги максимизираат своите приходи инвестирајќи во развојот на тој талент. Прашајте го руско-украинскиот кореограф Алексеј Ратмански колку часови потрошил на усовршување на својот талент. Прашајте ја албанската оперска ѕвезда Ермонела Јахо колкава жртва е потребна за да бидат успешни дури и оние со голем природен талент.
Луѓето кои постигнуваат голем успех обезбедуваат производи на милиони потрошувачи по атрактивни и прифатливи цени. Покојниот Сем Волтон, кој го основал Волмарт, стана еден од најбогатите луѓе во САД со тоа што сфатил како ефективно да управува со големите залихи и да продава брендирана стока по намалени цени во малите гратчиња во Америка. Бил Гејтс и Пол Ален, соосновачите на Мајкрософт, ги заработија своите милијарди развивајќи сет на производи кои драматично ги подобрија ефикасноста и компатибилноста на десктоп-компјутерите. Милијарди потрошувачи кои никогаш не слушнале за Стјуард, Волтон, Гејтс или за Ален, имаат корист од нивниот претприемачки талент и од нивните производи. Овие луѓе заработија многу пари затоа што им помогнаа на голем број луѓе обезбедувајќи им работи кои имаат вредност за нив по атрактивни цени.
Такви примери на „добри капиталисти“ можат да се најдат и во земјите во транзиција. Можеби не толку познат како Бил Гејтс, Чехот Павел Баудиш (Avast), Ерменецот Ховханес Авојан (PicsArt) и Украинецот Дмитро Запорожец (GitLab) имаат изградено бизниси вредни повеќе милијарди долари во софтверската индустрија и имаат стекнато огромно лично богатство.
Многумина непријателски се настроени кон претприемачите и кон профитот што тие го заработуваат. Кога се разгледува ова гледиште, важно е да се препознае дека активностите на претприемачите се движечка сила на економскиот напредок. Нашите животни стандарди денес се многу повисоки од оние на нашите претходници пред педесет или сто години, првенствено затоа што претприемачите открија и развија нови производи и поевтини методи на производство кои го подобрија квалитетот на нашите животи. Понатаму, нивната компензација – профитот добиен од успешни иновативни дејствија – е само мал дел од добивката што тие ја создаваат за потрошувачите. Вилијам Нордхаус, долгогодишен професор по економија на Универзитетот Јејл, проценува дека компензацијата на претприемачите била само 2,2 отсто од вкупните добивки што нивните иновативни дејствија ги создале за потрошувачите во текот на 1948–2001.(13) година. Каква зделка! За секои 2,20 долари заработени од претприемачите, тие генерираат проценета добивка од 97,80 долари за другите. Со оглед на овие бројки, не изненадува што Стјуард, Волтон, Гејтс, Ален и милиони други претприемачи извршиле толку силно влијание врз нашиот животен стандард.