Економија на здравиот разум

Јас, молив, моето семејно дрво

Од Леонард Е. Рид

Прашање за размислување: Додека го читате овој документ, објаснете како пазарите формираат мрежа којашто поттикнува и насочува милиони луѓе меѓусебно да соработуваат.

Јас сум графитен молив – обичен дрвен молив познат на сите момчиња и девојчиња и возрасни коишто знаат да читаат и да пишуваат.

Пишувањето е и мојата професија и мојата пасија; тоа е сѐ што правам.

Можеби се прашувате зошто треба да напишам генеалогија. Па, за почеток, мојата приказна е интересна. Исто така сум и гатанка – позагадочен од дрво или од зајдисонце, па дури и од блесок на молња. Но, за жал, оние коишто ме користат ме земаат здраво за готово, небаре сум само една минлива епизода без посебно значење. Ваквата вообразеност ме сведува на ниво на вообичаеност. Ова е една жална грешка којашто човештвото не може предолго да ја прави без последици. Зашто, како што мудриот Г. К. Честертон забележал: „Гинеме поради недостаток на вчудовиденост, а не поради недостаток на чуда“.

Јас, скромен Молив, иако изгледам едноставен, ги заслужувам вашите вчудовиденост и стравопочит, тврдење коешто ќе се обидам да го докажам. Всушност, ако успеете да ме разберете – не, тоа е премногу да се бара од некого – ако успеете да ја сфатите чудесноста којашто ја симболизирам, тогаш ќе можете да помогнете да се спаси слободата којашто човештвото толку несреќно ја губи. Треба да ве научам на една важна лекција. И јас оваа лекција можам да ја пренесам подобро од еден автомобил или авион или од една механичка машина за миење садови затоа што – па, баш затоа што навидум толку сум едноставен.

Едноставен? А, сепак, не постои човек на целава земја којшто знае како да ме направи. Фантастично, нели? Особено кога ќе се земе предвид дека секоја година во САД се произведуваат околу една и пол милијарда како мене.

Земете ме и простудирајте ме. Што гледате? Нема што многу да се види – малку дрво, лак, печатена етикета, графитно олово, парченце метал и гума за бришење.

Неброени претходници

Како што не можете да го следите вашето семејно дрво предалеку во минатото, така и за мене е невозможно да ги наведам и да ги објаснам сите мои претходници. Но, би сакал да спомнам доволно од нив за да ви ги доловам богатството и сложеноста на моето потекло.

Моето семејно стебло всушност започнува од едно дрво, кедар со право влакно којшто расте во Северна Калифорнија и во Орегон. Сега размислете за сите пили, камиони и јажиња и безбројната друга опрема којашто се користи при бербата и при пренесувањето на кедровите трупци до пругата. Размислете за сите личности и безбројните вештини коишто се вклучени во нивното производство: ископување руда, правење челик и неговата трансформација во пили, секири, мотори; одгледувањето коноп и долготрајната обработка во тешко и силно јаже; камповите за сеча со нивните кревети и кантини, готвењето и одгледувањето на сета таа храна. Неброени се неопеаните јунаци чијашто рака придонела за секој филџан кафе којшто го пијат дрвосечачите!

Трупците се испраќаат во пилана во Сан Леандро, Калифорнија. Можете ли да ги замислите сите тие луѓе коишто произведуваат рамни вагони и шини и железнички мотори и коишто ги конструираат и ги инсталираат комуникациските системи коишто се поврзани со нив? Овие трупи се дел од моите претходници.

Размислете за обработката на дрво во Сан Леандро. Кедровите трупци се сечат на летвички со должина на молив и со дебелина помала од една четвртина од еден инч. Летвичките се сушат во печка, а потоа се бојадисуваат од истата причина поради која жените ставаат руменило на своите лица. Луѓето сакаат да изгледам убаво, а не бледо како крпа. Летвичките се премачкуваат со восок и повторно се сушат во печка. Колку вештини се применуваат при правењето на бојата и на печките, при снабдувањето со топлина, светлина и моќност, ремените, моторите и сите други работи коишто се потребни за една пилана? Дали и метачите во пиланата спаѓаат меѓу моите предци? Да. Тука се и луѓето коишто го истураа бетонот за браната на хидроцентралата на Pacific Gas & Electric Company, којашто ја снабдува електричната енергија за пиланата!

Не занемарувајте ги и сегашните и далечните предци коишто имаат удел во транспортот на шеесет вагони летви низ целата нација.

Штом стасаат во фабриката за моливи – 4.000.000 долари во машини и во капацитети, целиот капитал акумулиран од моите штедливи и економични родители – на секоја летва ѝ се вдлабнуваат осум жлеба со сложена машина, по што друга машина поставува графит во секоја втора летва, нанесува лепило и става друга летва одозгора – сендвич од летви, може да се каже. Седум браќа и јас механички сме издлабени од овој „дрвен“ сендвич.

Составот на мојот графит е сложен, тој не содржи ниту малку олово. Графитот се ископува во Цејлон. Размислете за овие рудари и за оние коишто ги изработуваат нивните многубројни алатки, за изработувачите на хартиените вреќи во кои се испраќа графитот, за оние коишто ја изработуваат врвката со која се врзуваат вреќите, за оние коишто ги ставаат на бродовите и за оние коишто ги градат бродовите. Дури и светилниците и поморските пилоти попатно придонесоа за моето раѓање.

Графитот се меша со глина од Мисисипи во која при процесот на рафинирање се користи амониум хидроксид. Потоа се додаваат средства за навлажнување, како што е сулфониран лој – животински масти хемиски обработени со сулфурна киселина. Откако ќе помине низ бројни машини, смесата конечно се појавува како бескрајно црево – како од машина за колбас – исечена, сушена и печена неколку часа на 1.850 Целзиусови степени. За да се зголеми неговата цврстина и мазност, графитот потоа се третира со топла смеса којашто содржи восок од канделила од Мексико, парафински восок и хидрогенизирани природни масти.

Мојот кедар се премачкува со шест слоја лак. Дали ги знаете сите состојки на лакот? Кој би помислил дека и одгледувачите на рицинус и рафинериите за рицинусово масло се дел од процесот? Е па се. Дури и во процесите со кои лакот добива убава жолта боја се вклучени вештини на повеќемина отколку што можат да се набројат!

Погледнете ја етикетата. Таа е филм формиран со примена на топлина на јагленова прашина помешана со смоли. Како се прават смолите и што воопшто е јагленова прашина?

Моето парченце метал – обрачето – е месинг. Помислете на сите луѓе коишто ископуваат цинк и бакар и оние коишто знаат како да направат сјаен месинг од овие дарови на природата. Црните прстени на моето обраче се црн никел. Што е црн никел и како се користи? Ќе ми требаат неколку страници за да се објасни причината зошто во центарот на моето обраче нема црн никел.

Најпосле, тука е и мојата круна, несмасно наречена „чеп“ во индустријата, т.е. делот којшто човекот го користи за да ги избрише грешките коишто ги прави со мене. За бришењето е задолжена состојката наречена „фактис“. Тоа е производ сличен на гума, направен со реакција на масло од семе од репка од Холандските Источни Инди со сулфур хлорид. Гумата, спротивно на популарното верување, се користи само за спојување. Понатаму вклучени се и бројни вулканизирачки и забрзувачки агенси. Пемзата доаѓа од Италија; а пигментот којшто му ја дава бојата на „чепот“ е кадмиум сулфид.

Никој не знае

Дали некој сака да го оспори моето претходно тврдење дека ниту еден човек на земјава не знае како да ме направи?

Всушност, милиони луѓе имаат удел во моето создавање, без притоа да бидат свесни за постоењето на другите. Можете да кажете дека малку претерувам кога ги поврзувам берачот на кафе во далечниот Бразил и одгледувачите на храна на други места со моето создавање; дека ваквото гледиште е екстремно. Стојам на кажаното. Ниту еден единствен човек во сите овие милиони, вклучувајќи го и претседателот на компанијата за моливи, не придонесува повеќе од само мал дел од своето знаење. Од гледна точка на знаењето, единствената разлика помеѓу рударот на графит во Цејлон и дрвосечачот во Орегон е во видот на знаење. И рударот и дрвосечачот се неопходни, исто како како што се и хемичарот во фабриката или работникот во нафтено поле – бидејќи парафинот е нуспроизвод на нафтата.

Еве еден запрепастувачки факт: ниту работникот во нафтено поле, ниту хемичарот, ниту рударот на графит или глина, ниту оној којшто управува или гради бродови или возови или камиони, ниту, пак, оној којшто управува со машината којашто ги прави жлебовите на моето обраче, ниту претседателот на компанијата ја извршуваат својата задача затоа што ме сакаат мене. Верувам секој од нив ме сака помалку, во споредба со едно дете во прво одделение. Всушност, во оваа огромна група има и такви коишто никогаш не виделе молив ниту, пак, би знаеле како да го користат. Нивната мотивација не е поврзана со мене. Можеби е вака: секој од овие милиони гледа дека на тој начин може да го размени своето мало знаење за стоките и за услугите коишто му требаат или ги сака. Јас можам, но и не морам да бидам дел од овие работи.

Нема супериорен ум

Уште позачудувачки факт е отсуството на супериорен ум, на некој којшто ги диктира или ги контролира овие безбројни дејствија коишто се одговорни за моето постоење. Нема ни трага ни глас од таква личност. Наместо тоа, сведоци сме на делувањето на Невидливата рака. Ова е таа мистерија којашто претходно ја споменав.

Се вели дека „само Бог може да создаде дрво“. Зошто се согласуваме со ова? Дали затоа што сфаќаме дека ние самите не можеме да го направиме? Дали воопшто можеме да го опишеме дрвото? Не можеме, освен површно. Можеме да кажеме, на пример, дека одредена молекуларна конфигурација се манифестира како дрво. Но, постои ли човечки ум способен да ги документира или да ги управува постојаните промени во молекулите коишто се појавуваат во животниот век на дрвото? Ваков подвиг сосема е незамислив!

Јас, Молив, сум една сложена комбинација на чуда: дрво, цинк, бакар, графит итн. Но, на овие чуда коишто се манифестираат во природата е додадено едно уште понеобично чудо: конфигурацијата на креативните човечки енергии – милиони мали вештини коишто се конфигурираат природно и спонтано како одговор на човечката потреба и желба и без присуство на никаков човечки „главен ум!“. Бидејќи само Бог може да создаде дрво, тогаш тврдам дека само Бог може да ме направи мене. Човекот не може да ги оркестрира сите овие вештини потребни за да ме создаде исто како што не може да ги искомбинира молекулите за да создаде дрво.

Горенаведеното е она коешто го мислев кога напишав: „Ако можете да ја разберете чудесноста којашто ја симболизирам, можете да помогнете да се зачува слободата којашто човештвото толку несреќно ја губи“. Зашто, ако некој е свесен дека овие вештини природно и автоматски ќе се организираат во креативни и во продуктивни обрасци како одговор на човечката потреба и побарувачка – т.е. во отсуство на владино или кое било друго присилно контролирачко влијание – тогаш тој ќе дојде до апсолутно суштинската состојка за слободата: вербата во слободни луѓе. Слободата е невозможна без ваквата верба.

Штом владата ќе стекне монопол на една креативна активност, како што е, на пример, испораката на пошта, повеќето луѓе ќе веруваат дека поштата ефикасно не би можела да биде испорачана од поединци коишто дејствуваат слободно. Причината за тоа е што секој од нив препознава дека и самиот не знае како да ги направи сите работи коишто се случуваат при испораката на пошта. Поединецот, исто така, препознава дека и ниту кој било друг не е способен да го направи тоа. Овие претпоставки се точни. Ниту еден поединец не поседува доволно знаење да се справи со поштенските услуги на една нација, исто како што ниту еден поединец не поседува доволно знаење за самиот да направи молив. Сега, во отсуство на верба во слободните луѓе – во несвесноста дека милиони вештини природно и чудесно ќе се формираат и ќе соработуваат за да ја задоволат оваа потреба – поединецот не може а да не дојде до погрешен заклучок дека поштата може да се достави само со владина „интервенција“.

Изобилство на сведоштва

Ако јас, Молив, бев единствениот предмет којшто може да понуди сведоштво за тоа што мажите и жените можат да постигнат кога имаат слобода да се обидат, тогаш скептиците би имале валиден аргумент. Сепак, сведоштва има во изобилство; тие се насекаде околу нас. Испораката по пошта многу е едноставна кога се споредува, на пример, со производство на автомобил или со механички калкулатор или комбајн или мелница или со десетици илјади други работи. Испорака? Во свет каде што луѓето се слободни да се обидат, тие постигнуваат неверојатни подвизи: го пренесуваат човечкиот глас низ светот за помалку од една секунда; вршат пренос во живо на настан до сечиј дом; вршат транспорт на 150 патници од Сиетл до Балтимор за помалку од четири часа; доставуваат гас од Тексас до нечиј шпорет или до нечија печка во Њујорк по неверојатно ниски цени и без субвенции; испорачуваат нафта од Персискиот Залив до нашето источно крајбрежје – преку половина свет за – помалку пари отколку што наплаќа владата за испорака на едно обично писмо преку улица!

Лекцијата којашто сакам да ја пренесам е следнава: не потиснувајте ги креативните енергии. Едноставно организирајте го општеството да дејствува во согласност со оваа лекција. Правниот апарат на општеството нека ги отстрани сите пречки и дозволете им на креативните вештини слободно да течат. Имајте верба дека слободните мажи и жени ќе одговорат на Невидливата рака. Вербата ќе биде потврдена. Јас, Молив, иако навидум едноставен, го нудам чудото на моето создавање како сведоштво за практичноста на оваа верба; практична како сонцето, дождот, кедровото дрво, плодната земја.

Прашање за крај: Како една кооперативна мрежа значително го зголемува продуктивниот потенцијал на една земја и со тоа ја обезбедува основата за нашите модерни животни стандарди?

Навратете се на Елемент 1.10