Елемент 4.6: Планирајте за неочекуваното

„Нема штета да се надевате на најдоброто сè додека сте подготвени за најлошото.“
Зборувавме за важноста да се штеди за иднината, но подеднакво важно е да се има и фонд за итни случаи. Што е тоа? Животот е преполн со изненадувања – дупната гума, покрив којшто прокиснува, телефон којшто наеднаш се расипал – ова се само неколку примери.(137) Не можеме да предвидиме кои од нив ќе се случат или кога, но можеме да предвидиме дека во текот на кој било долг период, секој од нас ќе се соочи со такви скапи случаи. Токму затоа има смисла да се планира за нив. За ова служи фондот за итни случаи. Тој ќе ви помогне да се справите со неочекуваните сметки коишто инаку би можеле да ви предизвикаат сериозни емоционални и финансиски проблеми. Иако е тешко да се справите со емоционалниот и со менталниот стрес од некој неочекуван случај, фондот за итни случаи го сведува финансискиот дел на само мала непријатност. Со други зборови, фондот за итни случаи значи фонд за финансиска слобода.
Алтернативата е да почекате додека не се случи некој неочекуван случај, а потоа да се обидете да смислите план за да се справите со него. Оваа стратегија генерално подразбира акумулирање долг на кредитните картички или позајмување средства под многу неповолни услови. Потоа мора да научите како да ги платите каматите и на крајот да ги вратите средствата. Сета оваа обеспокоеност веројатно ќе резултира со лоши финансиски одлуки.
Колку средства треба да издвојувате на редовна основа за да можете да се справите со вакви случаи? Еден пристап би бил да направите список на различните изненадувања коишто сте ги доживеале во изминатата година и да процените колку ве чинело секое од нив. Земете ги предвид поправките на автомобилот, неочекуваните патувања, лекарските прегледи, замената на некој домашен апарат – сè што не очекувавте да се случи минатата година. Соберете ги трошоците, поделете го тој број со дванаесет и почнете да ја одвојувате таа сума на месечна основа во вашиот фонд за итни случаи. Друг пристап е да издвоите износ што е еднаков на трошоците за период од три до шест месеци. Со други зборови, замислете дека ги губите сите приходи за период од три месеци. Дали вашиот фонд за итни случаи доволно е голем за да ги надомести загубите и да ги покрие трошоците?
Можеби ќе сакате да одвоите малку повеќе пари на сметката во случај да се соочите со повисоки трошоци во иднина. Ако одвоите повеќе пари на сметката, можете да создадете мала резерва. Ако на крајот износот којшто сте го одвоиле на сметката е поголем отколку што е потребно, вишокот ќе можете да го префрлите во инвестиции. Клучниот момент е да го сметате месечното одвојување средства во вашиот фонд за итни случаи како задолжителна, а не како изборна ставка во буџетот. Тоа значи дека треба да го сметате за исто како и плаќањето на хипотеката, сметката за електрична енергија и на другите редовни трошоци. Фондот за итни случаи ви овозможува да бидете спокојни наместо да се грижите за финансиските предизвици на животот. Со таков фонд ќе можете самоуверено да се справувате со трошоците коишто, иако се непредвидливи во однос на времето, сепак, можат да се предвидат со одредена доза на сигурност. Во периоди кога непредвидените трошоци се под просекот, салдото на вашиот фонд за итни случаи ќе расте. Кога непредвидените трошоци невообичаено се големи, ќе можете да ги искористите средствата од вашата сметка, но тоа нема да ве загрижува затоа што веќе сте подготвени за тоа. Ова е клучниот елемент што значи „вие да ги контролирате вашите пари“, наместо да дозволите „парите да ве контролираат вас“.