Економија на здравиот разум

Елемент 4.2: Зголемете ја вашата вредност за другите

Кога се среќаваме со личности коишто поседуваат завидни особини, треба да се стремиме да станеме како нив; кога се среќаваме со личности со спротивен карактер, треба да се свртиме кон себе и да се преиспитаме.

Конфуциј

Во пазарната економија, клучот за финансискиот успех е способноста да се обезбеди вредност за другите. Ова важи и за вработените и за бизнисите. Ако сакате да дојдете до висока заработка, најдобро е да сфатите како на другите да им обезбедите услуги коишто имаат вредност за нив.

Како што веќе беше нагласено, зголеменото знаење, повисокото ниво на вештини и искуството генерално ја зголемуваат продуктивноста и ја подобруваат способноста да се обезбедуваат услуги коишто имаат вредност за другите. Како резултат на тоа, инвестициите во човечки капитал – образование, обука и други форми на стекнување вештини – можат да ги подобрат и продуктивноста и заработката. Но, постојат и други лични атрибути коишто влијаат врз продуктивноста. Два од најважните се личниот став и претприемачкиот начин на размислување. Важноста на овие два атрибута како извор на продуктивност тесно е поврзана со она коешто психолозите го нарекуваат емоционална интелигенција (EQ). Многумина психолози сега веруваат дека EQ е поважна од коефициентот на интелигенција (IQ) како детерминанта на личниот успех.(124) Дури и економистите честопати ги занемаруваат овие два витално важни извора на лична продуктивност. Ајде да ги разгледаме.

Како нечии лични ставови влијаат врз продуктивноста и врз успехот? Размислете за следниов едноставен мисловен опит: да претпоставиме дека работодавецот оценува двајца потенцијални вработени. Првиот ги има следниве карактеристики: искреност, доверливост, упорност, сигурност, чесност, истрајност, почит кон другите, желба за учење и подобрување и способност за соработка со други. Вториот има поинакви особини: непочитување кон другите, несигурност, склоност кон кавги, презир кон образованието, вулгарност во говорот, обвинување други за настанати проблеми и нечесност. Ако сте вие работодавец, кого би вработиле? Очекувано, повеќетомина би го вработиле првиот кандидат бидејќи тие атрибути го подобруваат успехот. Ако сѐ друго е исто, вработените со овие позитивни ставови обично се попродуктивни и добро функционираат со соработниците. Од друга страна, атрибутите на вториот кандидат се ориентирани кон неуспех. Тие ќе ги поткопаат продуктивноста и способноста на вработениот да соработува со други.

Ако сакате да бидете успешни, треба да ги негувате, развивате и да ги зајакнувате атрибутите што ги поседува првиот кандидат за тие да станат навики – основни вредности на вашиот живот. Подеднакво важно, исфрлете ги атрибутите кои се ориентиран кон неуспех од вашиот живот. Не дозволувајте никому, вклучително и на пријателите, да ве убеди дека некои од атрибутите коишто водат кон неуспех се „кул“. Тие патишта ќе ве одведат до проблеми и не сакате да одите по нив.

Добрата вест е дека можете да изберете ставови кои водат кон успех наместо оние кои водат кон неуспех. Понатаму, можете да го направите тоа без оглед на вашето семејно потекло, тековните доходи, нивото на образование или без оглед на изборот на кариера. Вашите ставови ќе имаат огромно влијание врз вашиот иден финансиски успех. Позитивните ставови ќе ви помогнат да ги надминете другите недостатоци, како што е лошото образование или детството во посиромашно семејство.

Какви се овие ставови? Тие добро се сумирани во книгата „7 навики на високоефективните луѓе“:

  1. Бидете проактивни (преземете одговорност за сопствените избори)
  2. Размислувајте за посакуваниот исход уште од самиот почеток (јасна визија за вашата посакувана цел)
  3. Ставете ги најважните работи на прво место (приоритет на вашите постапки)
  4. Размислувајте на добитна комбинација (како што повеќепати нагласивме –стремите се кон заемно корисни резултати)
  5. Разберете и бидете разбрани (вклучете се во активно слушање и во емпатична комуникација)
  6. Синергизирајте (разлики во вредностите и различни перспективи)
  7. Изострете ја пилата (аналогија на тапа пила – тоа значи да инвестирате во доживотна грижа за себе, континуирано учење и во личен развој)

Се разбира, ако изберете ставови ориентирани кон неуспех, секогаш ќе ги обвинувате другите – семејството, етничката припадност, соседството, училиштата во кои сте учеле или општеството воопшто. Овие фактори можат да влијаат врз вашите избори, но не ги диктираат. Вие го контролирате вашиот став. Ако сте пораснале во проблематична средина, можеби ќе биде потешко да ги постигнете и да ги одржувате овие ставови. Но, лицата кои ќе успеат да се издигнат над таа негативна средина се сакани и се почитувани речиси од сите. Проблематичното потекло може дури и да ви помогне на патот кон успехот ако одлучите да развиете позитивни ставови.

Некои од вас можеби мислат: „Моите ставови се моја работа. Никој нема да ми кажува што да правам или да го сменам моето однесување!“ Да претпоставиме дека еден сопственик на бизнис, да го наречеме Алексеј, размислува на следниов начин. Алексеј ниту ги почитува желбите на потрошувачите, наместо тоа го обезбедува она коешто мисли дека потрошувачите треба да го ценат, ниту, пак, ги третира своите вработени со почит. Алексеј има слобода да ги направи овие избори. Меѓутоа, ако постапува на овој начин, ќе се соочи со последиците во форма на намалена продажба и на потенцијален деловен неуспех.

Слично на тоа, потенцијалните вработени се слободни да „тераат по свое“. Тие можат да го игнорираат начинот на кој нивните ставови и однесување влијаат врз продуктивноста и врз можноста за вработување. Но, исто како и бизнисот којшто ги игнорира желбите и потребите на потрошувачите, вработените коишто го игнорираат начинот на кој нивните ставови и однесување влијаат врз нивната продуктивност ќе се соочат со последици како лоши можности, ниска заработка и периоди на невработеност. Никој од нас не е остров сам за себе. Ако сакаме другите да ни обезбедуваат доход, треба да соработуваме и нашите услуги треба да имаат вредност за нив.

Конечниот заклучок е јасен и едноставен. Ставовите ориентирани кон успех се многу важни детерминанти на финансискиот успех. Не можете да ги купите овие ставови. Ниту, пак, некој може да ви ги обезбеди. Морате да ги изберете и да ги интегрирате во вашиот живот. Понатаму, ако го направите тоа, речиси е сигурно дека ќе имате значителен степен на економски успех. И спротивното е точно. Ако вашиот живот во голема мера е одраз на низа ставови ориентирани кон неуспех, голема е веројатноста дека вашата иднина ќе се карактеризира со финансиски проблеми и со лична огорченост.

Друг личен атрибут којшто може да ја подобри вашата продуктивност е претприемачкиот начин на размислување. Додека претприемништвото честопати се поврзува со деловното одлучување, во реална смисла, сите ние сме претприемачи. Постојано донесуваме одлуки за развој и за примена на знаења, вештини и на други ресурси што се под наша контрола. Нашиот финансиски успех ќе биде резултат на овие избори.

Ако сакате да бидете финансиски успешни, размислувајте како претприемачи. Со други зборови, фокусирајте се на тоа како да ги развиете и да ги користите вашите способности и да ги мобилизирате достапните ресурси за да им го обезбедувате на другите луѓе она коешто тие високо ги ценат, се разбира секогаш имајќи ги предвид вашите сопствени вредности и вашата етика. Не ви предлагаме да го стекнете вашето богатство со производство и продажба на штетни лекови без разлика колку е голема побарувачката!

Откако ќе почнете да размислувате како претприемач – да размислувате за тоа како можете да ја зголемите вредноста на вашите услуги за другите – не потценувајте ја вашата способност да постигнете успех. Претприемничкиот талент честопати се наоѓа на неочекувани места. Кој би помислил дека еден средовечен продавач на машини за милкшејк, по име Реј Крок, ќе направи револуција во бизнисот со франшизи и од еден ресторан на Мекдоналдс во Сан Бернардино, Калифорнија ќе го направи најголемиот ланец за брза храна во светот? Дека брендот за спортски чевли Адидас, основан од Ади Даслер во кујната на неговата мајка во 1924 година, ќе достигне до продажби од 22 милијарди долари?(125) Како може некој да очекува дека Џеф Безос, којшто во 1994 година отвори онлајн-книжарница во својата гаража, ќе го прошири Амазон да стане најголемиот продавач на мало во светот? Дали некој во 1950-тите очекуваше Ингвар Кампрад, основачот на ИКЕА, да го претвори својот прв мал изложбен салон во градот Елмхулт во Шведска во најголемиот продавач на мебел во светот?(126) Ова се добропознати случаи, но истиот модел постојано се повторува одново и одново. Успешните самовработени професионални и деловни лидери или основачи на фирми со високо реноме во светот, честопати имаат различни потекла коишто навидум сосема се неповрзани со областите на нивните достигнувања.

Самовработените претприемачи несразмерно се застапени меѓу богатите. Иако самовработените сочинуваат голем дел од работната сила, нивниот удел помеѓу милионерите многу е поголем. Во просек, самовработените луѓе четирипати се побогати од работниците коишто работат за неделен или за месечен надомест.(127) Четири главни фактори придонесуваат за финансискиот успех на самовработените претприемачи. Прво, тие многу добро знаат како да ги идентификуваат и да ги искористат атрактивните можности коишто биле занемарени од другите. Второ, подготвени се да ризикуваат. Поголемите ризици и повисоките приноси одат рака под рака. До одреден степен, повисоките приходи на самовработените претприемачи се само компензација за несигурноста којашто ги придружува нивните деловни активности. Трето, тие имаат високи стапки на инвестиции. Самовработените сопственици на бизниси честопати наменуваат големи делови од своите приходи за раст и за проширување на нивните бизниси. Четврто, главно си ја сакаат работата и затоа работат повеќе.(128)

И вработените можат да имаат корист доколку „размислуваат како претприемачи“. Исто како што приходите на деловните претприемачи зависат од нивната способност да ги задоволат клиентите, заработката на вработените зависи од нивната способност да ја зголемат својата вредност за сегашните и за потенцијалните работодавци. Доколку вработените сакаат да добијат унапредувања и повисока заработувачка, тие треба да развиваат вештини, знаења, ставови и работни навики коишто високо се ценети од другите.

Развојот и користењето на вашите таленти на начини коишто обезбедуваат големи придобивки за другите се клучот за финансискиот успех. Тие се и од суштинско значење за она што Артур Брукс го нарекува „заслужен успех“, централниот елемент на среќата и на задоволството од животот.(129) Никој не може да ви даде заслужен успех; морате самите да го постигнете. Заслужениот успех е присутен кога вашето образование, работа и избраниот начин на живот ја одразуваат смислата во вашиот живот. Во текот на нашата кариера, ги прашувавме нашите студенти што сакаат да прават во животот. Во една или друга форма, одговорот речиси секогаш е ист: сакам да правам работи коишто ќе го направат светот подобро место за живеење. Се разбира, луѓето ќе се разликуваат во однос на тоа како планираат да го постигнат тоа. Но, без оглед на нивните планови, позитивните ставови и процесот на размислување како претприемач ќе ја подобрат својата способност да живеат исполнет живот кој има смисла.