Економија на здравиот разум

Моќта на стимулациите

од Двајт Ли

Прашање за размислување: Додека го читате овој дел од книгата, размислете што се стимулации и зошто тие се важни.

Најсигурниот начин да ги натерате луѓето да се однесуваат на посакуваниот начин е да ги наградите за тоа — со други зборови, стимулирајте ги! Ова е толку очигледно што веројатно нема потреба да се спомене, но сепак вреди да се потсетиме на оваа практика..

Можете да кажете дека луѓето не треба да бидат наградени (или поткупени) за да го прават она што е пожелно. Дури и кога ќе го прифатите фактот дека стимулациите се неопходни, сепак, не е лесно да да се идентификуваат оние стимулатори коишто мотивираат пожелно постапување.

Неодамна се соочив со емоционалниот отпор што некои луѓе го чувствуваат во однос на примената на стимулации за да се постигнат добри нешта. Укажував дека популацијата на слонови во Зимбабве и во Јужна Африка се зголемува бидејќи тамошните политики им дозволуваат на луѓето да профитираат од одржувањето на стадата слонови. Сепак, еден студент со изразена еколошка свест рече дека би претпочитал слоновите да не се спасат ако единствениот начин за тоа е преку поттикнување на човечката алчност. Со други зборови, тој беше подготвен да се придржува до својот принцип сѐ додека само слоновите ги трпат последиците. Неговиот принцип, кој претпоставувам дека го споделуваат и други „со слични убедувања“, беше дека добрите работи треба да бидат мотивирани од сочувство и грижа, а не од личен интерес. Не можев да одолеам, а да не му кажам дека би бил импресиониран од неговиот морален став ако, кога би му била потребна деликатна операција за да си го спаси животот, тој би одбил да оди кај хирург и наместо тоа би ја оставил мајка му да ја изврши операцијата.

Убедувањето на луѓето дека стимулациите се соодветни не е ни приближно толку тешко колку што е утврдувањето соодветни стимулации. Се разбира, сакаме стимулации коишто ги мотивираат луѓето да се однесуваат на пожелни начини, но што е пожелно? Во некои ситуации, одговорот прилично е очигледен. Но, не секогаш.

Секојпат кога правите добра работа, нужно ја намалувате вашата способност да направите некоја друга добра работа. Ова е неизбежна импликација од оскудноста и таа е опфатена во концептот на опортунитетен трошок. Секогаш постојат одредени компромиси и честопати ни требаат информации од многу извори за да го знаеме најдобриот начин на дејствување. Според тоа, двете важни функции на стимулациите се: (1) да се пренесат информации за најдобрите работи што треба да се направат и (2) да се мотивираат луѓето да ги прават тие работи.

Стимулациите и третманот на затворениците

Во некои случаи, посакуваниот начин на дејствување е јасен, па токму овие случаи ни овозможуваат да се концентрираме на моќта на стимулациите за мотивирање на луѓето. Добар пример е практиката на британската влада да склучува договори со капетани на бродови за транспорт на затвореници во Австралија во 1860-тите. Стапката на преживување на затворениците испратени во Австралија била само 40 проценти и сите биле свесни дека тоа е премногу ниска стапка. Хуманитарните групи, црквата и владините агенции апелирале до капетаните од морални побуди да ја подобрат стапката на преживување со попристоен третман. И покрај овие апели, стапката на преживување останала на 40 проценти.

Конечно, економистот по име Едвин Чедвик препорачал промена во стимулациите. Наместо да им се плаќа на капетаните такса за секој затвореник којшто ќе се качел на бродот во Англија, Чедвик предложил да им се плаќа такса за секој затвореник којшто ќе се симнел од бродот во Австралија. Уште веднаш настапило подобрување, и тоа драстично. Стапката на преживување се зголемила на над 98 проценти, бидејќи капетаните сега имале силен стимул да го заштитат здравјето на затворениците намалувајќи го бројот на затвореници на секој брод и обезбедувајќи им подобра храна и хигиена во текот на патувањето.(1)

Директно и индиректно создавање стимулации

Посакуваните стимулации понекогаш можат да се создадат директно, како во случајот со превозот на затвореници. Знаете што сакате да се направи, па давате награда (да речеме, плаќање одредена такса во готовина) за тоа. За жал, во повеќето случаи, типот на однесување што го посакуваме наложува потреба од суптилно балансирање помеѓу конкурентните цели. Во такви случаи, создавањето директен поттик да се направи една работа може да биде премногу ефикасно бидејќи ги тера луѓето да игнорираат други работи.

Поранешниот Советски Сојуз бил полн со перверзностите коишто можат да произлезат од директната примена на стимулации. На пример, менаџерите реагирале на стимулациите за зголемување на производството на чевли со тоа што изработувале само неколку големини, едвај грижејќи се за тоа кои големини најдобро им одговараат на потрошувачите. Ваквите стимулации влијаеле врз однесувањето на луѓето, но тие не успеале да ја промовираат социјалната соработка којашто е неопходна за продуктивна економија.

Кога целта е да се мотивираат луѓето да соработуваат, пожелни резултати ретко можат да се остварат со директно воспоставување стимулации. Наместо тоа, стимулациите треба да се воспостават индиректно преку збир на општи правила коишто им овозможуваат да произлезат од социјалната интеракција.

Сообраќајот ја покажува важноста на општите правила за поттикнување соработка. Колку и да е неподнослив сообраќајот за време на сообраќајниот шпиц, сообраќајните текови одразуваат неверојатна спонтана социјална соработка. Без таа соработка, десетици илјади патници во кој и да било голем град би биле заглавени во безнадежен сообраќаен метеж.

Основните правила коишто им овозможуваат на возачите толку ефективно да соработуваат едни со други се едноставни: (1) возете на десната страна на патот; (2) тргнете и возете додека е зелено, или забрзајте или подгответе се да застанете на жолто, а застанете и чекајте на црвено; (3) не го надминувајте утврденото ограничување на брзината за повеќе од десет милји на час; и (4) не допирајте други возила. Овие правила го претвораат нашиот поттик безбедно и удобно да стигнеме до нашите дестинации во модел на приспособливо однесување којшто им служи на интересите на сите.(2)

Пазарната економија е вистински пример за тоа како еден збир на правила може да создаде амбиент во кој приватните стимулации мотивираат социјална соработка. Пазарните економии не создаваат стимулации директно. Всушност, во буквална смисла, пазарите воопшто не создаваат стимулации. Најважните стимулации произлегуваат од субјективните желби на поединците: поттикот да се најде љубов, да се заслужи почит, да се направи светот подобро место, да се обезбеди егзистенција за своите семејства. Пазарите претставуваат правила на однесување коишто ги усогласуваат овие различни стимулации со тоа што им овозможуваат на луѓето да им ги соопштат своите желби на другите. Цените, профитот и загубите коишто вообичаено се нарекуваат пазарни стимулации се создадени од меѓусебната интеракција на луѓето. Овие стимулации, коишто можат да се соопштат само преку пазари, содржат информации што ја унапредуваат социјалната соработка.

Прашања за крај: Сега, како можете да објасните зошто приватните стимулации можат да ја унапредат социјалната соработка преку пазарите? Дали сметате дека приватните стимулации го прават светот подобро место? Зошто да или зошто не?

Навратете се на Елемент 1.1
  1. За повеќе информации за овој пример, видете Robert B. Ekelund, Jr., и Richard Ault, Intermediate Microeconomics: Theory and Applications (Lexington, Mass.: D.C. Heath and Company, 1995), стр. 21–22. ↩︎
  2. Примерот за протокот на сообраќајот е преземен од Paul Heyne, The Economic Way of Thinking, 8-мо издание (Upper Saddle River, N.J.: Prentice-Hall, Inc.), поглавје 1. ↩︎