Недостаток на земјоделско земјиште
Од Двајт Ли
Прашање за размислување: Дали приватната сопственост на имотот им дава на сопствениците поттик да ги одржуваат и зачуваат ресурсите? Објаснете.
Вечен е стравот дека ќе ни снемаат важни ресурси. Нафтата е вообичаена грижа; просторот за одлагање отпад е друга, дрвјата и зелените површини трета. Би можел да продолжам да набројувам работи (јаглен, бакар, железна руда, па дури и калај) за кои луѓето се грижат дека наскоро ќе се исцрпат. Во повеќето случаи, стравот е неоснован – поттикнат од организирани интереси коишто се надеваат дека ќе имаат полза од заплашување на јавноста, од невешто новинарство и од општ недостаток на основно економско разбирање. Онаму каде што загриженоста е соодветна, проблемот секогаш е недостатокот на права на приватна сопственост над загрозениот ресурс.
За да ја видите улогата на правата на сопственост во спречувањето на исцрпувањето на ресурсите, размислете за следново прашање: Дали некогаш снемало необновлив ресурс?
Го поставив ова прашање на десетици различни публики и никогаш не наидов на некој којшто успеа да одговори. Но, зарем не се необновливите ресурси оние коишто најверојатно ќе се исцрпат? На крајот на краиштата, тие се необновливи. Уште позбунувачки, изгубивме – доведени до истребување – голем број животни, коишто се обновливи. Зарем тоа не се ресурси со речиси нула веројатност од исцрпување? Решението на загатката лежи во разбирањето дека необновливите ресурси се неподвижни; тие не трчаат наоколу, па лесно е да се воспостават права на приватна сопственост над нив. Луѓето ги штедат ресурсите коишто ги поседуваат земајќи ја предвид нивната идна вредност. За многу животни, поради нивната природа да побегнат, е тешко да се воспостават права на приватна сопственост, па затоа луѓето малку се мотивирани да ја земат предвид нивната идна вредност. Така, и покрај нивната обновливост, некои од овие животни се исчезнати.
Влевањето страв дека снемува необновливи ресурси би било многу потешко доколку луѓето сфатат како приватната сопственост може да поттикне соодветно вреднување на идната вредност на нашите ресурси.
Но, овде размислувам за уште една причина зошто луѓето неоправдано се плашат дека ги исцрпуваме или драстично ги намалуваме ресурсите – неспособноста да се разграничи маргиналната вредност од вкупната вредност.
Исчезнување на обработливото земјиште
Штотуку започнав за првпат да работам како професор на Универзитетот во Колорадо, кога ме замолија да учествувам во дебата за „проблемот“ со исчезнувањето обработливо земјиште.
И покрај моите убедливи аргументи (неколку од присутните коишто се согласија со мене пред дебатата, останаа на истиот став и по неа) дека намалувањето на обработливото земјиште е резултат на правилното делување на пазарните сили, загриженоста за изгубеното обработливо земјиште продолжи. На пример, Лестер Браун од Институтот Ворлдвоч објавува годишен извештај во кој предвидува дека резервите со храна ќе заостанат зад растот на населението, проблем којшто тој смета дека делумно е предизвикан од губењето обработливо земјиште поради урбаната експанзија.
Иако е точно дека на глобално ниво денес се користат помалку хектари за земјоделство отколку во минатото, оваа „загуба“ на обработливо земјиште не е криза, па дури ни причина за загриженост. Напротив, тоа е добра вест. Во Полска, на пример, уделот на земјиштето наменето за земјоделството опадна за 28 % од доцните 1960-ти, но, сепак, производството на храна се зголеми за речиси 70 %. Кога помалку земјиште се користи за земјоделство, повеќе земјиште може да се претвори во отворен простор и во шума.
Нема да го слушнете ова од оние коишто веруваат во криза, но сега има повеќе шумски површини во САД отколку пред 80 години.(1) Второ, обработливо земјиште е претворено во трговски центри и автопатишта, во приградски станбени блокови, окупирано со забавни паркови, терени за голф или е пренаменето за други цели бидејќи потрошувачите преку пазарните цени посочиле дека урбаната експанзија е повредна од храната којашто можела да се одгледува на земјата.
Храна или голф
Зошто потрошувачите доброволно би жртвувале храна во замена за терени за голф, трговски центри и за паркинзи? Зарем храната не е повредна од голфот или од паркирањето? Се разбира – во вкупната вредност. Ако изборот е да се јаде, но да не се игра голф или да се игра голф, но да нема јадење, дури и најстрасниот играч на голф би избрал да јаде. Но, економските избори не се избори „сè или ништо“. Наместо тоа, одлуките се носат на маргината, одлучувајќи дали вреди да се откажеме од една опција поради друга. Но, на маргината не е очигледно дека храната е повредна од голфот или од многу други работи без кои можеме да живееме. Преку различните такси коишто ги плаќаат за да играат на различни терени, играчите на голф комуницираат дека одреден терен за голф барем исто толку е вреден колку и дополнителната храна од која треба да се откажеме.
На маргината, голфот секако е повреден од храната доколку милиони хектари обработливо земјиште не беа „изгубени“ поради урбаната експанзија. Во 1900 година, поголемиот дел од коњските сили коишто се користеле на фармите доаѓале од вистински коњи или од мазги, поради што биле потребни десетици милиони хектари за да се одгледува храната за овие животни. Камионите, тракторите, комбајните и другите земјоделски машини на гориво ефикасно ги заменија овие животни и хектарите потребни за нивна исхрана. Исто така, сега е потребна многу помалку земја за да се прехранат ист број луѓе бидејќи подобрувањата во ѓубривата, пестицидите, наводнувањето, семињата и временската прогноза овозможуваат да се одгледува повеќе храна по хектар, а подобрувањата во бербата, пакувањето, складирањето и транспортот дозволуваат поголема количина од одгледуваната култура да дојде до трпезата. Ако сè уште употребувавме толку многу земја за земјоделството како во 1900 година, со денешната технологија ќе се давевме во дињи. Во оваа ситуација, колку би биле вредни уште неколку хектари диња во споредба со уште еден терен за голф којшто би можел да се изгради на тие хектари?
Немаме ни приближно толку обработливо земјиште како што имавме во 1900 година бидејќи како што се зголемува производството на храна, нејзината маргинална вредност се намалува во однос на онаа на куќите, трговските центри, терените за голф и многу повеќе.
Потрошувачите ја изразуваат оваа промена во релативната вредност преку набавки коишто предизвикуваат намалување на цените на храната во однос на цените за други намени на обработливото земјиште. Ова поттикнува намалување на обработливото земјиште коешто продолжува сè додека маргиналната вредност на земјиштето е поголема во неземјоделски намени во споредба со земјоделското производство.
Но, не очекувајте дека „кризата“ со обработливото земјиште ќе исчезне. Јавните агенции коишто се надеваат на поголеми буџети и приватните организации коишто се надеваат на повеќе финансирање за истражување или на поголеми субвенции, секогаш наоѓаат некоја криза за да ја заплашуваат јавноста. Создавањето криза не би било толку лесно доколку повеќемина ја разбираат разликата помеѓу вкупната вредност и маргиналната вредност.
Прашање за крај: Зошто сигурните права на сопственост промовираат економски напредок?
Зошто заедничката сопственост и несигурните права на сопственост го попречуваат економскиот напредок?
- Грег Истербрук, „Момент на Земјата“ (A Moment on the Earth) (New York: Viking, 1995), стр. 10-13. ↩︎
„Running Out of Agricultural Land“ од Двајт Ли е искористено со дозвола на Фондацијата за економско образование, под Меѓународната лиценца Creative Commons Attribution 4.0.