Економија на здравиот разум

ПРЕДГОВОР

Авторите на оваа книга сакаат да живеете успешен и исполнет живот. Исто така, сакаме вие и сите луѓе да живеете во свет којшто гo поттикнува и му овозможува на секој човек да го достигне својот максимален потенцијал. Сметаме дека за остварување на овие цели треба и лидерите и пошироката јавност да ги разберат основните начела на економијата. Економските одлуки и политики влијаат на секој од нас во речиси секој аспект од нашето секојдневие, честопати на начини коишто ние не ги разбираме целосно. Постојано сме изненадени од степенот на економска неписменост кај политичарите и гласачите. Лошата економија е опасна насекаде, но е особено честа и штетна во економиите на земјите во развој и во посткомунистичка транзиција. Основната цел на проектот Економија на здрав разум (Common Sense Economics) е да обезбеди лесен пристап до клучните постулати на нашата професија. Со оглед дека времето е драгоцено, ја изработивме оваа публикација на начин којшто ја намалува потребата за учење нови поими, запаметување формули или совладување сложени детали коишто се важни само за професионалните економисти. Наместо тоа, се фокусираме на основните согледувања на економијата коишто навистина се важни—оние коишто ќе ви помогнат да направите подобри избори, да го подобрите вашето разбирање за нашиот сè покомплексен свет и да живеете поисполнет живот.

Без оглед на вашето моментално знаење во областа на економијата, оваа книга ќе ви обезбеди важни сознанија. Се обидовме таа да биде концизна, внимателно организирана и читлива за читателот. Како што сугерира и самиот наслов на делото, веруваме дека основните начела на економијата првенствено го одразуваат здравиот разум. Делото ја прикажува примената на овие начела во пракса, покажувајќи ја нивната моќ да ги објаснат настаните од реалниот свет.

Иако не сакаме да даваме смели тврдења, дури и фактот дека ја читате оваа книга е резултат на економски трансакции направени пред илјадници години. Многумина тврдат дека економските потреби довеле до пронаоѓањето на пишувањето и сето она коешто оваа вештина потоа го овозможила.

Наша цел е да ви помогнеме да разберете зошто некои земји напредуваат, а други не. Се испитува политичкиот процес и се истражуваат разликите помеѓу владата и пазарната распределба.

Дури и напредните студенти по економија и бизнис би требало да имаат корист од нашите напори да ја синтетизираме „пошироката слика“. Можете привремено да ги оставите настрана сложените формули, софистицираните модели и техничката математика на професијата и да се концентрирате на прашањата коишто првично ве привлекле кон економијата. Зошто некои земји напредуваат, а други не? Зошто некои луѓе се пензионираат богати, додека други го завршуваат својот живот во сиромаштија? Дали големите бизниси се лоши или добри за едно општество? Дали мојата влада знае што прави? Како да знам во што да верувам среде сета таа врева на интернет? Во своето ремек-дело „Човечка акција“, Лудвиг фон Мизес многу добро ја објаснил нашата обврска, велејќи:

„Оној којшто нема да се потруди максимално да ги испита сите проблеми коишто постојат, доброволно го предава своето вродено право на припадност кон самоназначената елита на надлуѓе. Кај ваквите клучни прашања, слепата зависност од мислењето на „експерти“ и некритичкото прифаќање на популарните верувања и предрасуди е еднакво на напуштање на самоопределувањето и повинување на туѓата доминација. Со оглед на денешната поставеност на работите, за секој интелигентен човек, ништо не може да биде поважно од економијата. Затоа што, во прашање се неговата судбина и судбината на неговото потомство. Малкумина се способни да придонесат каква било консеквентна идеја во канонот на економската мисла. Но, сите разумни луѓе се повикани да се запознаат со учењата на економијата. Во нашата ера, ова е примарна граѓанска должност. Ни се допаѓало тоа нам или не, факт е дека економијата не може да остане езотерична гранка на знаење достапна само за мали групи научници и специјалисти. Економијата се занимава со основните проблеми на општеството; се однесува на сите и им припаѓа на сите. Тоа е главната студија за секој граѓанин“.

Нашите материјали се осмислени да ја направат економијата достапна за секој граѓанин, обезбедувајќи силна основа, особено за студентите коишто можеби нема да посетуваат друг курс по економија, како и за пошироката јавност којашто сака да добие увид во функционирањето на светот околу неа. Предвидени се за средношколци, за студенти од други области освен економија (како право или новинарство) и, особено, за сите граѓани. Покрај книгата којашто ја читате сега, постојано обезбедуваме и нови материјали и новости за нашите активности на нашата веб-страница: www.econfun.org. Посетете нѐ! Нашите колеги професори по економија ќе најдат многу предлози за интересни и инспиративни материјали за своите часови.

Тимот на Common Sense Economics сака да ги сподели овие материјали со сите. Помогнете ни со тоа што ќе не објавувате на вашите социјални мрежи. Како што ни рече еден наш читател од Централна Азија: „Споделив со моите пријатели, со моите учители, со моите родители, со баба ми и дедо ми и со помалата сестра.“ Нашата визија е идеите коишто се среќаваат во Common Sense Economics да бидат дел од семејните дискусии ширум светот. По повеќе од триесет години од падот на Берлинскиот ѕид, многумина се сомневаат во темпото и насоката на транзицијата. Особено е важно граѓаните од регионот да не бидат намамени од лажните ветувања за „нелиберална демократија“ или „државен капитализам“. Многу луѓе го жртвуваа своето време, своите кариери, па дури и своите животи за да му ги обезбедат благодетите на политичката и економската слобода на овој регион. За жал, многумина сѐ уште даваат такви жртви. Оваа книга ја посветуваме на тие поборници за слободата.