Економија на здравиот разум

ДЕЛ 1: Дванаесет клучни елементи на економијата

Економија

Студија за тоа како поединци, влади, бизниси и други организации прават избори кои влијаат врз распределбата и врз дистрибуцијата на оскудните ресурси

Елементи:

  1. Стимулациите се битни.
  2. Секој избор вклучува трошоци.
  3. Одлуките се носат на маргините.
  4. Доброволната трговија го поттикнува економскиот напредок.
  5. Трансакциските трошоци се пречка за трговската размена.
  6. Цените ги усогласуваат дејствијата на купувачите и на продавачите.
  7. Профитот е водич за продуктивноста.
  8. „Невидливата рака“ поттикнува општа благосостојба.
  9. Внимавајте на несаканите последици.
  10. Вредноста креира доход и богатство.
  11. Продуктивноста е клучот за постигнување висок животен стандард.
  12. Има повеќе извори на напредок.

Вовед

Во животот постојано правиме избори, а економијата се осврнува на тоа како стимулациите или поттикот влијаат врз тие избори и ги обликуваат нашите животи. Изборот на нашето образование, како ги трошиме и ги инвестираме нашите пари, што правиме на работното место и многу други лични одлуки ќе влијаат врз нашата благосостојба и врз квалитетот на животот. Понатаму, изборите што ги правиме како гласачи и граѓани влијаат врз законите или врз „правилата на игра“, а овие правила имаат огромно значење за нашата слобода и за нашиот просперитет. За да можеме да направиме паметен избор, како за себе така и за општеството, мораме да разбереме некои основни принципи за тоа како луѓето избираат, што ги мотивира нивните постапки и како нивните постапки влијаат врз нивната лична благосостојба и врз благосостојбата на другите. Следствено, економијата се сведува на човечкото одлучување, со анализата на силите коишто се во основата на изборот и со импликациите за функционирањето на општествата.

Економскиот начин на размислување вклучува интегрирање на клучните концепти во вашите мисловни процеси. Во овој дел се претставени дванаесет концепти коишто се клучни за разбирањето на економијата и коишто ќе ви помогнат да разберете зошто некои земји остваруваат раст и високи нивоа на доход, додека други стагнираат и остануваат сиромашни. Ќе научите нешто повеќе за вистинското значење на трошоците, зошто цените се важни, како трговската размена го подобрува просперитетот и зошто производството на добра што луѓето ги сметаат за вредни придонесува за подобрување на нашиот животен стандард. Во следните делови од книгата, овие концепти ќе се користат за разгледување на други исклучително важни теми.