Економија на здравиот разум

Можности и трошоци

од Двајт Ли

Прашање за размислување: Додека го читате овој документ, размислете зошто оскудноста нѐ принудува да правиме избор.

Пазарите функционираат по пат на олеснување на социјалната соработка. Тие им обезбедуваат на луѓето информации и мотивација да стекнуваат предности за себе на начини коишто најдобро создаваат можности за другите. Мојот акцент е на шумата, а не на поединечните дрвја на економското разбирање. Сега ќе почнам да разгледувам некои од клучните концепти коишто се суштински за примена на економската логика за целокупната човекова активност. Ќе започнам со опортунитетниот трошок.

Ограничувања и можности

Економијата се нарекува мрачна наука бидејќи го проучува најфундаменталниот од сите проблеми, а тоа е оскудноста. Токму поради оскудноста, сите ние се соочуваме со мрачната реалност дека има граници на она што можеме да го направиме. Колку и да станеме продуктивни, никогаш не можеме да постигнеме и да уживаме онолку колку што би сакале. Единственото нешто што можеме да го направиме без ограничување е да посакуваме повеќе. Поради оскудноста, секогаш кога правиме една работа, нужно мора да се откажеме од нешто друго коешто посакуваме да го правиме. Според тоа, постои опортунитетен трошок за сѐ што правиме, а тој трошок се изразува како највредната алтернатива од којашто сме морале да се откажеме.

Но, постоењето на трошоците сугерира дека мрачната реалност на ограничувањата е само едната страна од монетата со посветла страна. Границите на оскудноста создаваат трошоци само кога има можности. Елиминирајте ја можноста за избор меѓу алтернативите и нема да има трошоци. Ако, на пример, сум принуден да живеам во одредена куќа, да работам на одредено работно место, да стапам во брак со одредена жена и да консумирам одредени производи, јас немам никакви трошоци кога ги правам тие работи. Значи, светлата страна на трошоците се можностите коишто ги создаваат трошоците. Доколку ги прошириме нашите можности, трошоците за сè што правиме стануваат повисоки.

Иако вообичаено трошокот го сметаме за нешто што треба да се избегне, всушност нам ни е подобро да живееме во економија каде што сме принудени да се соочиме со трошокот на сè што правиме. Мене лично би можело да ми биде подобро кога би можел да консумирам производи без да ги земам предвид трошоците за нив бидејќи би можел да ги префрлам на други. Но, секоја предност што би можел да ја остварам би била повеќе од неутрализирана кога другите би можеле да ги игнорираат трошоците за своите активности и би ми ги префрлиле мене. Како резултат на тоа, на сите би ни недостасувале информации и мотивација за мудар избор. Само тогаш кога трошоците за одреден избор им се наметнуваат на оние коишто го прават тој избор ќе можеме најдобро да ги искористиме достапните можности.

Ова е еден начин да се објасни предноста на пазарните цени. Цените коишто луѓето ги плаќаат на пазарот ги одразуваат опортунитетните трошоци на нивните избори. Вообичаено не можете да купите производ или услуга на слободен пазар за помалку од она што другите се подготвени да го платат, или за помалку од износот потрошен за тие да бидат на располагање, што е важен дел од социјалната соработка којашто произлегува од пазарните трансакции.

Посебните интереси не ги земаат предвид трошоците

За жал, многу економски одлуки не се носат во пазарни услови како одговор на пазарните цени, туку од владите како одговор на политичките околности. Ова создава можности за политички влијателните групи да стекнуваат придобивки коишто ги плаќа пошироката јавност. Секогаш без исклучок, оние коишто бараат политички придобивки ги занемаруваат трошоците со надеж дека ќе ги оправдаат поголемите трошоци; тие вообичаено тврдат дека некои работи толку се важни, што трошоците стануваат небитни и не треба да се земат предвид.

Образовните институции тврдат дека образованието премногу е важно за да се разгледува во смисла на трошоците; еколозите тврдат дека спасувањето на земјата e неопходно, па затоа еколошките програми треба да се спроведуваат без оглед на трошоците; примателите на грантови за медицински истражувања тврдат дека е бесмислено да се разгледуваат трошоците кога станува збор за човековото здравје; а луѓето поддржани од Националниот фонд за уметности тврдат дека „вредноста на уметноста оди до самата душа на човечкото постоење “ и дека таа „се загадува доколку се споредува со долари и центи“. (Тоа е блиско парафразирање на една изјава за финансирање на уметноста што ја слушнав на Националното јавно радио.)

Сите овие изјави е најдобро да се толкуваат како обиди на организирани групи да стекнат што повеќе јавни пари. Да се земат предвид трошоците нема никаква врска со пренагласување на важноста на парите. Парите обезбедуваат соодветен начин за изразување на трошоците, но парите сами по себе не се трошок. Кога ќе извадам банкнота од десет долари за да платам оброк, парите можеби изгледаат како трошок, но вистинскиот трошок е опортунитетниот трошок – субјективната вредност од која се откажувам трошејќи ги парите на оброкот наместо да ги трошам на највредната алтернатива.

Бесмислени тврдења

Да се тврди дека трошоците не треба да се земаат предвид во однос на правењето одредени работи е еквивалентно на тврдењето дека треба да ги правиме тие работи без да ги разгледуваме алтернативите. Фактот дека таквото транспарентно бесмислено тврдење продолжува да се користи во напорите насочени кон посебни интереси ја илустрира моќта на измамата над логиката во политичката дебата. Доколку не се разгледаат алтернативите за одредено нешто, би имало смисла само ако тоа нешто секогаш е повредно од сѐ друго. Но, тоа значи дека треба да ги посветиме сите наши ресурси на тоа едно нешто. Ако навистина е точно дека убавата оркестарска музика, на пример, толку е вредна што не треба да се земат предвид трошоците, тогаш секој би требало да биде бездомник и гладен и да го поминува целото свое време слушајќи оркестри бос и гол. Ова очигледно е бесмислено, но ниту малку побесмислено од тврдењето дека нешто толку е важно што е несоодветно да се земе предвид трошокот за него.

Штом две или повеќе групи тврдат дека нивната програма треба да се финансира без да се земат предвид трошоците, релевантноста на трошоците треба да биде очигледна. Образованието на нашата младина и лекувањето на нашите болни не можат да бидат премногу важни за да се земат предвид трошоците, особено не во свет во кој владее оскудност. Трошокот на вложувањето повеќе во образованието на нашата младина е да се вложи помалку во лекувањето на нашите болни, и обратно. Да се игнорира трошокот на едното, значи да се третира другото како недостојно во споредба со него.

Се разбира, реалноста на оскудноста и опортунитетните трошоци, навлегуваат во политичкиот процес и покрај реториката на посебен интерес што ги омаловажува трошоците. Треба да се направат споредби меѓу конкурентните алтернативи, така што опортунитетните трошоци да се земаат предвид во политичкиот процес. За жал, несовршеностите и предрасудите во политичкиот процес оневозможуваат соодветно разгледување на опортунитетните трошоци на владините активности.

Резултатот е она што треба да се очекува кога алтернативите слабо се разгледани. Отпадот се појавува кога одлуките ги насочуваат ресурсите од повредни и помалку вредни активности, а честопати и во активности коишто се контрапродуктивни за наведените цели.

Пазарните цени не ги одразуваат совршено опортунитетните трошоци, но, сепак, може да се процени колку тие се приближуваат со разгледување на перверзностите што се појавуваат бидејќи политичките одлуки честопати ги игнорираат повеќето трошоци на една политика.

Прашање за крај: Сега, какви недостатоци се поврзани со тоа што нашата влада ги игнорира опортунитетните трошоци додека се обидува да ја едуцира нашата младина, да обезбеди медицински придобивки за нашите болни и пензионирање за нашата повозрасна популација?

Навратете се на Елемент 1.2