Економија на здравиот разум

Заклучни мисли

Освен што се економисти и едукатори, сите автори се и родители, тетки и чичковци. Покрај тоа што ќе им оставиме наследство на знаење на нашите студенти и на другите читатели на оваа книга, сакаме позитивно да влијаеме врз животот на идните генерации. Сигурни сме дека и вие го чувствувате истото.

Ние ја остваруваме оваа цел на многу различни начини. На локално, национално и на глобално ниво можеме да работиме за да се осигураме дека јавните политики создаваат средина каде што поединците можат да го постигнат својот потенцијал. На лично ниво можеме да бараме да ги вградиме навиките за успех со тоа што ќе служиме како примери и ќе ги водиме нашите деца да прават здрав избор.

Како што видовме во овој дел од Економијата на здравиот разум, финансиската сигурност има тенденција да ја подигне општата благосостојба со тоа што ги прави остварливи потребите и ја елиминира грижата за исполнување на основните потреби. Оние кои развиваат навики да работат вредно, да поставуваат цели и да ги постигнуваат, па и да ги избегнуваат искушенијата на моменталното задоволување со разгледување на идните последици од сегашните избори, обично се поуспешни во сите сфери на животот од оние кои не го прават тоа.

Еден од најважните начини да ги научиме младите на одговорност е да им помогнеме да сфатат дека парите се заработуваат; не е мана од рајот. Децата можат, дури и на рана возраст, да се оспособат со поставување задачи што ќе им овозможат да заработат пари за да ги исполнат своите желби. Овие задачи може да вклучуваат стимулации за исполнување специфични образовни цели или помош низ домот, како што се шетање на кучето или лупење компири за вечера. Парите не се само средство за добивање повеќе од она што го сакате, туку се и мерка за вашиот придонес во помагањето на другите да добијат повеќе од она што го сакаат. Најдобар начин да заработите повеќе пари е да им служите на другите и да најдете начини да им биде подобро. Оваа лекција за претприемништво ќе донесе важни дивиденди во текот на кариерата на детето, без разлика на тоа каква ќе биде таа кариера.

Дури и кога плаќате, односно му купувате на детето нешто што го сака, можно е да му овозможите разбирање за трошоците и на компромисите што се својствени за сите расходи. Во текот на нивниот живот, сите наши деца ќе треба да одлучуваат како ќе трошат ограничен приход. Ако трошат повеќе на една ставка, ќе мора да трошат помалку на други. Сите ние треба да направиме компромиси. Почнувајќи од рана возраст, треба да ги научиме нашите деца за оваа реалност и да им обезбедиме искуства кои ќе им помогнат да научат да избираат мудро. Многумина родители (дури и оние кои на своите деца им даваат џепарлак без да бараат ништо за возврат) ги поттикнуваат своите деца да издвојат дел од парите што ги добиваат за да ги донираат во добротворни цели. Овие родители, исто така, честопати одвојуваат време да разговараат со нив каде да ги насочат своите средства и зошто размислувањето за благосостојбата на другите луѓе придонесува за нивната вредност и за благосостојбата на општеството во кое живеат.

Во голема мера, успехот во животот се состои во поставување цели, напорна работа за да ги постигнете нив, да откриете како да ги направите вашите услуги корисни за другите, да заштедите за одредена цел и да трошите пари мудро. Ова се клучните компоненти за успех. Економијата го дава рецептот како да се живее поисполнет живот.

Сега сме на крајот од патувањето. Преку оваа книга, нашата цел беше да ви обезбедиме информации и алатки кои ќе ви помогнат да живеете поуспешен живот. Се надеваме дека вашиот ум е отворен за нови начини на размислување и дека ќе ги искористите стекнатите сознанија за да ги подобрите и вашиот живот и животите на оние околу вас.