Економија на здравиот разум

За авторите

Џејмс Д. Гвартни беше почесен професор на Катедрата за економија на Државниот универзитет во Флорида, каде што предаваше педесет и три години. Тој беше главен автор на „Економија: приватен и јавен избор“ (Economics: Private and Public Choice, Cengage Learning, 2020), широко користен текст за економските принципи што сега е во своето седумнаесетто издание. Професорот Гвартни беше и коавтор на годишниот извештај на Институтот Фрејзер, „Економска слобода на светот“ (Economic Freedom of the World), којшто дава информации за конзистентноста на институциите и на политиките со економската слобода за 165 земји. Неговите публикации се објавени во различни научни списанија, вклучувајќи ги American Economic Review, Journal of Political Economy, Journal of Economic Education, Southern Economic Journal и Journal of Institutional and Theoretical Economics. Од 1999 до 2000 година, тој бил главен економист на Заедничкиот економски комитет на Конгресот на САД. Тој е поранешен претседател на Јужната економска асоцијација и Асоцијацијата за едукација на приватни претпријатија. Д-р Гвартни почина во јануари 2024 година.

Двајт Р. Ли се стекнал со титулата доктор на науки на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, во 1972 година. Тој бил дел од наставниот кадар при Универзитетот во Колорадо, Техничкиот универзитет Вирџинија, Универзитетот „Џорџ Мејсон“ и Универзитетот во Џорџија, каде што бил Ремзи професор по економија и приватно претпријатие од 1985 до 2008 година. Тој бил Вилијам Џ. О’Нил Професор по глобални пазари и слобода на Јужниот методистички универзитет во Далас од 2008-2014 година. Моментално е вонреден соработник во Институтот за проучување на политичката економија во Бизнис-колеџот „Милер“ на Универзитетот „Бол Стејт“. Истражувањето на професорот Ли опфаќа различни области, вклучувајќи ги и економијата на животната средина и природните ресурси; економијата на политичкото одлучување; јавните финансии; правото и економијата; и економија на трудот. Ли има објавено над 170 статии во академски списанија и речиси 300 статии во списанија и весници; тој е коавтор на 14 книги и е уредник на пет други. Ли предавал на универзитети и на конференции низ САД, како и во Европа, Централна Америка, Јужна Америка, Азија и во Африка. Тој бил претседател на Здружението за едукација на приватни претпријатија од 1994 до 1995 година и претседател на Јужната економска асоцијација од 1997 до 1998 година.

Тони Хант Ферарини е консултант за содржини на Центарот за унапредување на слободните претпријатија и на економското образование „Гас А. Ставрос“ на Државниот универзитет во Флорида. Таа е поранешен Р. В. Пластер професор по економско образование на Универзитетот Линденвуд и добила признание како научник-наставник на годината на Универзитетот за 2023-2024 година. Д-р Ферарини е позната на национално и на меѓународно ниво по својата работа за економско образование и по своите динамични презентации. Таа е специјализирана за едуцирање разновидна публика за економските основи, интегрирање на економското размислување во различни дисциплини и за користење технологија за зголемување на ангажираноста на публиката. Нејзината репутација како успешен истражувач, автор на учебници, презентер и водач на работилници придонесе за нејзиниот избор за претседател на Националната асоцијација на економски едукатори во 2015 година и за наградата за технологија којашто ѝ беше доделена, како и за меѓународната награда на Националната асоцијација на економски едукатори. Таа е член на советодавниот одбор на Советот за економско образование (Јапонија) и редовно се консултира со непрофитни организации, вклучувајќи ги Junior Achievement USA, Economic Fundamentals Initiative (Источна Европа и Централна Азија) и Институтот за развој на Кореја. Д-р Ферарини објавува свои написи во списанија за економско образование, технологија и образование. Се стекнала со титулата доктор по економија на Универзитетот Вашингтон во Сент Луис, каде што студирала кај нобеловецот во 1993 година, Даглас С. Норт.

Џозеф П. Калхун е професор на Катедрата за економија на Државниот универзитет во Флорида и директор на Центарот за унапредување на слободните претпријатија и на економското образование „Гас А. Ставрос“ при истиот универзитет. Тој моментално предава основи на економијата и држи часови за лични финансии. Тој ја создаде и ја води „Непоразени од долгот“ („Unconquered by Debt“), иновативна програма за финансиска благосостојба спонзорирана од Центарот „Ставрос“. Без никаков надомест, студентите на додипломски студии можат да учествуваат во работилници или да користат онлајн-ресурси за да развијат финансиска писменост. Д-р Калхун редовно држи презентации на национални наставни конференции за ефективна примена на медиумите и на технологијата во училницата. Како верен поддржувач на програмите за студирање во странство, тој ги предавал меѓународните програми на државата Флорида во Англија, Италија и во Шпанија. Д-р Калхун има добиено бројни награди за настава во државата Флорида, вклучувајќи ја и наградата за додипломска настава на универзитетот. Докторирал на Универзитетот во Џорџија.

Џејн Шо Строуп (којашто пишува и под името Џејн С. Шо) е писателка и хонорарна уредничка. Таа е претседавач на Центарот за академско обновување „Џејмс Г. Мартин“ со седиште во Рали, каде што претходно била претседател. Пред тоа, г-ѓа Строуп била виш соработник во Истражувачкиот центар за имот и животна средина (PERC) во Боземан, Монтана. Помеѓу другите книги, таа е коавтор со Мајкл Санера на „Факти, не страв: Учење на децата за животната средина“ („Facts, Not Fear: Teaching Children About the Environment“, Regnery Publishing, 1996 година). Претходно, таа била вонреден економски уредник на Business Week. Својата диплома по англиска книжевност ја стекнала на Колеџот „Велсли“ и, во 2020 година, магистрирала историја на Државниот универзитет во Северна Каролина. Таа е поранешен претседател на Здружението за едукација на приватни претпријатија, уреднички советник на Econ Journal Watch и CL Press, член на уредувачкиот советодавен панел на Regulation и член на Уредувачкиот советодавен совет на Институтот за економски прашања (Лондон). Таа е вдовица на Ричард Л. Строуп, претходен коавтор на оваа книга.

Рандал К. Филер е професор по економија на Колеџот Хантер и во Центарот за постдипломски студии на City University во Њујорк и, од 1993 година, визитинг професор по економија/виш научник на CERGE-EI, заедничка институција на Универзитетот Чарлс и Академијата на науките на Република Чешка. Професорот Филер бил претседател на Фондацијата CERGE-EI, најголемиот поддржувач на економското образование во посткомунистичките економии во транзиција од 1999 до 2021 година. Тој раководи со програмите на CERGE-EI за наставните соработници на Фондацијата и за учење на далечина, во рамките на кои им беше обезбедено образование на над 275.000 студенти на ниво на колеџ од повеќе од 200 универзитети во 28 посткомунистички земји. Професорот Филер е претседател на Иницијативата за економски основи (EFI), непрофитна организација посветена на унапредување на економската писменост во посткомунистичките земји. Тој е член на академскиот и на управниот одбор на Меѓународната школа за економија (ISET) во Тбилиси, Грузија. Претходно професорот Филер бил координатор за Централна и за Источна Европа на Мрежата за глобален развој спонзорирана од Светската банка. Тој е научен соработник на IZA (Бон) и на CESifo (Минхен) и бил соработник на Рајстон во Институтот Менхетен (NYC). Професорот Филер дипломирал на Колеџот Хаверфорд, а докторирал на Универзитетот Принстон. Неговото истражување е поддржано од Националната научна фондација, програмата ACE на Европската Унија, Фондацијата Алфред П. Слоан, Фондацијата Фолксваген и Националната фондација за уметности, меѓу другите, а неговите трудови биле објавувани во водечки стручни списанија, вклучително и The American Economic Review, The Journal of Political Economy, The Review of Economics and Statistics, The European Economic Review и The Economics of Transition. Професорот Филер е двократен добитник на стипендијата Фулбрајт во Република Чешка, како и вонреден професор на Економскиот институт во Загреб Хрватска. Во 2023-2024 година тој ја добил наградата глобален стипендист на Фулбрајт, што му овозможило да помине два месеци во Узбекистан, Грузија и во Киргистан. Неговите излагања биле објавени во медиуми како Wall Street Journal, New York Times, BBC, ABC и Good Morning Saudi Arabia.